Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Норвешка се врати на Мундијалот по 28 години, сурова лекција од „машината“ Халанд! (ВИДЕО)

По цели 28 години чекање, репрезентацијата на Норвешка се врати на мундијалската сцена и тоа на спектакуларен начин. Во првото коло од групата И, Норвежаните во Бостон славеа убедлива победа над селекцијата на Ирак со 4-1, во меч каде што азиската репрезентација покажа огромно срце и борбеност, но едноставно немаше лек за најдобриот напаѓач на денешницата, Ерлинг Халанд.

Ирак успеа да ги помине сите четири круга од квалификациите за да стигне до овој историски момент и на теренот во Фоксборо покажа дека не е залудно дел од светскиот крем. Сепак, за нивната борбеност и голема желба, Норвешка имаше одговор во ликот на Халанд, кој на својот деби натпревар на Светските првенства постигна два гола, со што стигна до неверојатна бројка од 57 погодоци на 51 натпревар за националниот тим.

Норвешка поведе во 29-та минута по првата посериозна акција, кога Нуса одлично проби по левата страна и испрати точна топка во шеснаесетникот, а Халанд со карактеристичен лизгачки старт ја затресе мрежата за 1-0. Ирак не се предаде и во 39-та минута стигна до заслужено израмнување, Ал Амари мајсторски помина по левата страна и центрираше, а Али Хусеин со моќен удар со глава погоди за огромна радост на трибините. Сепак, пред самиот крај на првиот дел, во 43-та минута, следуваше бизарен и катастрофален кикс на ирачкиот голман. По една кратка повратна топка, тој се уплаши од налетот на Халанд, кој едноставно му ја одзеде топката и ја уфрли во празната мрежа за 2-1. До крајот на полувремето Ирак пропушти уште две стопроцентни шанси за ново израмнување преку Ал Хамади и Хашим.

Во второто полувреме избраниците на селекторот Стале Солбакен решија да ја спуштат топката, свесно препуштајќи му ја иницијативата на противникот. Ирак напаѓаше и трчаше со сите сили, но евидентен беше недостигот на индивидуален квалитет во завршницата.

Сите дилеми околу победникот беа решени во 76-та минута. Само три минути по влегувањето во игра, дефанзивецот Лео Естигард одлично реагираше на центаршутот на Мартин Одегард од корнер и со глава ја заби топката во мрежата за 3-1. Точка на натпреварот беше ставена во самите сопирања на мечот, кога по уште еден воздушен дуел, Халанд ја префрли топката на втората статива, а несреќниот Хусеин си постигна автогол за конечни 4-1 и моќна најава за норвешкиот мундијалски сон.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.