Еден од најдобрите голмани во историјата на фудбалот, Мануел Нојер, планира да стави крај на професионалната кариера на крајот од сезоната 2026/2027. Германецот неодамна го продолжи договорот со Баерн Минхен на уште една година, но потврди дека нема намера повторно да потпишува нова соработка кога тој ќе истече.
Легендарниот 40-годишен чувар на мрежата е подготвен да ја спушти завесата на една од најблескавите фудбалски кариери, во која освои сѐ што можеше да се освои на клупски и репрезентативен план.
„Не сакам да играм натпревари само за да кажам ‘ова ми е последен меч’. Не е важно дали последен пат сум бил на овој или оној стадион, ќе видиме. Но, навистина изгледа како да дојде време за повлекување“, изјави Нојер во свој стил.
Нојер пристигна на „Алијанц Арена“ во 2011 година од Шалке и стана вистински симбол на баварскиот гигант и светскиот фудбал, пред сѐ благодарение на револуцијата што ја направи со улогата голман-либеро.
Зад себе има вкупно 1.022 натпревари за клубовите и националниот тим, а на речиси половина од нив остана несовладан. Во своите богати витрини има 13 титули во Бундеслигата, осум Суперкупа и седум Купови на Германија, две титули во Лигата на шампионите, два трофеи од Светското клупско првенство, два Суперкупа на Европа и Светското првенство освоено во 2014 година.

