Францускиот ММА борец Ноа Гуњон со голема самодоверба го очекува своето деби во UFC, каде на спектаклот во Белград ќе ги одмери силите со црногорскиот борец Милош Јаничиќ. На прес-конференцијата во пресрет на настанот, Гуњон порача дека добро го анализирал својот противник и дека е свесен каков предизвик го очекува во белградската Арена, каде што најголемиот дел од публиката ќе биде на страната на Јаничиќ. Сепак, Французинот истакна дека тоа не претставува дополнителен притисок, туку мотив повеќе да се докаже на најголемата светска ММА сцена.
„Го познавам Јаничиќ и ги гледав неговите борби. Агресивен е, има квалитетен бокс, но верувам дека имам сè што е потребно за да го наметнам мојот ритам. Знам дека навивачите ќе бидат зад него, но тоа е дел од овој спорт. Дојдов овде да победам“, изјави Гуњон.
Дуелот привлекува големо внимание бидејќи двајцата борци првпат ќе настапат под знамето на UFC, а нивните стилови ветуваат динамична и жестока пресметка во октагонот.
Гуњон во организацијата пристигнува по успешните настапи во Ares FC, каде се наметна како еден од најдобрите предизвикувачи во лесната категорија. Во професионалната кариера има скор од девет победи и два порази, а особено импресионира фактот што сите девет триумфи ги остварил со прекин, што доволно говори за неговата завршница и опасноста што ја носи во секој меч.

