Македонски фудбал Фудбал

Ништо ново: ФК Вардар официјално го претстави Фабиани

Само четириесет и осум часа по големото шампионско славење, македонскиот фудбалски владетел експресно го промовираше решението за испразнетото тренерско столче. Раководството на „црвено-црните“ ги изненади сите и се одлучи за радикален потег, доверувајќи му го тимот на стратег кој доаѓа од колевката на светскиот шампион Аргентина. Иако, ова не е ништо ново, имајќи предвид дека Фабиани одамна престојува во Македонија и го прати Вардар, сепак зачудуваше начинот на кој беше претставен, откако стратегот најпрво се појави на интервју во македонски спортски медиум, за веднаш потоа да биде промовиран на официјалните канали на клубот… нешто кое на озбилен колектив како Вардар не смее да му се случи! Но, да видиме за каков тренер се работи…

Фабиани е официјалниот наследник на Гоце Седлоски на клупата на Вардар. Станува збор за 42-годишен стручњак кој зад себе има интересна интернационална кариера како фудбалер, настапувајќи во својата татковина, но и во Романија каде стана првак со Клуж (2008) и во Израел каде ја освои титулата со Беитар (2007). Како предводник од клупата работи од 2021 година, менаџирајќи неколку аргентински тимови како Феникс, Депортиво Мерло и Депортиво Риестра, а последното големо искуство му беше во славниот Њуелс Олд Бојс, матичниот клуб на Лионел Меси.

Фабиани сè уште ја чека својата прва тренерска титула, а пред него е поставен огромен предизвик. По комплетирањето на неговиот стручен штаб, тој ќе има задача да го подготви Вардар за претстојните квалификации во Лигата на шампионите, но и да ја одбрани домашната круна во Првата лига следната сезона.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.