Кошаркарите на Њујорк Никс направија уште еден џиновски чекор кон шампионскиот прстен, откако во неверојатна завршница славеа на гостувањето кај Сан Антонио Спарси со 105:104. Со овој триумф, направија втор последователен брејк и поведе со комотни 2-0 во финалната серија, оставајќи ги Спарси во исклучително тешка позиција пред преселбата на серијата во Њујорк.
Натпреварот започна во знак на домаќините кои на стартот на втората четвртина стигнаа до двоцифрена предност од 12 поени. Сепак, Никси брзо ги консолидираа своите редови, го презедоа ритамот и до заминувањето на големиот одмор направија пресврт за водство од 56:52. Гостите продолжија со стабилна игра и во третиот период, успешно одбивајќи ги сите обиди на Виктор Вембањама и неговата екипа, па во последниот квартал влегоа со предност од девет коша.
Кога на шест минути пред крајот Њујорк поведе со максимални +14, се чинеше дека победникот е решен. Но, тогаш Спарси со брутална серија од 14:0 целосно се вратија во игра, а на една минута до крајот со поените на Вембањама дури и поведоа со 104:102.
Во финалниот трилер, Џејлен Брансон веднаш израмни, а потоа се случи и клучниот момент на мечот. Брансон промаши шут за водство, Вембањама ја фати топката во одбрана и се обиде да повлече контра, но неговиот соиграч Стефон Касл воопшто не гледаше во тој правец и топката го погоди во грбот. Снаодливиот Брансон ја украде топката, изнуди фаул и погоди едно слободно фрлање за 105:104. Во преостанатите секунди Спарси имаа напад за победа, но шутот на Вембањама од тешка позиција беше непрецизен.
Најдобар стрелец на средбата беше токму Виктор Вембањама со 29 поени, додека кај Спарси се истакна и Диерон Фокс со 20. Кај победниците, Карл-Ентони Таунс оствари моќен дабл-дабл со 21 поен и 13 скокови, додека Брансон и Бриџис додадоа по 20 поени.
Следниот натпревар се игра во „Медисон Сквер Гарден“ во ноќта меѓу понеделник и вторник, каде Никси пред својата публика ќе бркаат недостижни 3-0.
y

