Тренерот на АЕК Атина, Марко Николиќ, најави дека неговиот тим нема да се откаже од сопствената фудбалска филозофија на гостувањето кај Манчестер Сити во Лигата на шампионите. Српскиот стратег е свесен за квалитетот на англискиот гигант, но верува дека неговите избраници можат да остават добар впечаток.
Николиќ очекува тежок натпревар против еден од најквалитетните европски тимови, но смета дека неговите фудбалери мора да покажат храброст, карактер и желба за надигрување.
„Во вакви натпревари мора да оставите свој белег. Не сакаме да го менуваме стилот, туку да го покажеме нашиот идентитет. Ако се повлечете и размислувате само за одбрана, веројатно нема да постигнете многу. Мораме да најдеме начин да ја контролираме топката и да напаѓаме“, порача Николиќ.
Тој нагласи дека дуелите со противници од европскиот врв се можност за дополнителен напредок на екипата. По претходните предизвици против ЛАСК и Шахтјор, АЕК сега го очекуваат сериозни испити против Манчестер Сити и Реал Мадрид. Српскиот тренер посебно ја истакна важноста на карактерот и енергијата, додавајќи дека ќе биде задоволен доколку неговите фудбалери го прикажат најдоброто од себе, без оглед на околностите на теренот.
„Кога играме против Панетоликос, морам да најдам начин дополнително да ги мотивирам играчите. Сега мотивацијата ќе дојде сама по себе“, изјави Николиќ, нагласувајќи дека настапот во Лигата на шампионите носи посебна инспирација.
На крајот, тренерот на АЕК му посака брзо закрепнување на Ерлинг Халанд, истакнувајќи дека не му е драго кога кој било фудбалер отсуствува поради повреда. АЕК во Манчестер ќе пристигне со јасна цел: да се надигрува со фаворитот и да покаже дека може да се спротивстави на најдобрите европски екипи.

