Ник Кирјос се најде во сериозен проблем откако беше суспендиран поради позитивен допинг-тест на кокаин. Австралискиот тенисер бил позитивен на бензоилекгонин, метаболит на кокаинот, за време на настапот на Мајорка Опен кон крајот на јуни. Кирјос нема право на настап од 4 август, а засега не поднел жалба на суспензијата. На турнирот во Мајорка тој загуби уште во првото коло од Британецот, Адам Волтон.
По казната, Австралиецот се огласи преку социјалните мрежи и ја презеде целосната одговорност за својот потег. Тој им се извини на навивачите, семејството, спонзорите, но посебно на децата кои го следат.
„Направив голема грешка и нема да барам изговори. Длабоко сум разочаран од себе“, порача Кирјос.
Тој откри дека последните години биле исклучително тешки за него поради бројните повреди, кои сериозно влијаеле и врз неговата физичка и психичка состојба. Кирјос призна дека тешко се справувал и со помислата дека неговата кариера се ближи кон крајот.
„Ништо од тоа не го оправдува она што го направив. Ова беше повик за будење“, додаде Австралиецот, најавувајќи дека во следните 28 дена ќе се повлече од социјалните мрежи и јавноста за да се посвети на себе.
Поранешниот светски број 13 оваа сезона одигра само четири натпревари поради проблемите со зглобот и коленото. Последниот настап го имаше во двојки на Вимблдон, каде што загуби во тандем со Александар Бублик. Кирјос порача дека ќе го направи потребното за да се врати „подобар“, но останува неизвесно кога повторно ќе може да се врати на тениските терени.

