Кошарка Меѓународна кошарка

Неверојатниот Монтеро ја занеме „ОАКА Арена“: Валенсија направи невозможен камбек, мајсторка ќе го решава патникот на Ф4! (ВИДЕО)

Кошаркарите на Валенсија приредија вистинска сензација во Атина, совладувајќи го Панатинаикос со 86:89 и изборија решавачка петта пресметка во својата „Роџ Арена“. Иако губеа со 0:2 во серијата по првите два меча на домашен терен, „портокаловите“ успеаја да го вратат двојниот брејк и да го префрлат притисокот кај „зелените“.

Апсолутен херој на вечерта беше неверојатниот Жан Монтеро. Доминиканскиот бек одигра партија за паметење, запишувајќи 29 поени, 7 асистенции и 6 скокови. Монтеро беше незапирлив кога најмногу требаше, а неговата енергија и прецизност беа клучни за Валенсија да го диктира темпото во поголемиот дел од мечот.

Одлична поддршка имаше во Брекстон Ки, кој уфрли 12 поени, додека Камерон Тејлор додаде 11. Избраниците на Педро Мартинез уште од самиот старт наметнаа брз ритам и со убиствена дефанзивна транзиција по првата четвртина веќе имаа двоцифрена предност (15:26).

На спротивната страна, Панатинаикос долго го бараше својот ритам. Чеди Осман одигра феноменален натпревар, постигнувајќи 26 поени, со кои ги врати „зелените“ во игра кога изгледаше дека Валенсија е на чекор до убедлива победа. Осман беше моторот на ПАО во третиот период, кога домаќините успеаја да направат пресврт и за момент да поведат (51:50).

Покрај него, Кендрик Нан постигна 19 поени, додека Најџел Хејс застана на 12, но тоа не беше доволно за конечен триумф.

Валенсија влезе во последната четвртина со минимална предност, а со серија од 11:2 на три минути до крајот стигна до +9. Иако ПАО преку Нан и Грент се обиде да се врати, смиреноста на гостите пресуди. Мет Костело можеше порано да го реши мечот од линијата за слободни фрлања, а во последниот напад Хејс се обиде со шут од половина терен да изнуди продолжение, но топката не заврши во кошот.

Серијата сега се враќа во Шпанија. Следната недела, во Валенсија, ќе дознаеме кој ќе патува на Фајнал-форот во Евролигата.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести