Маркус Хауард ја напушти Басконија по повеќе од четири години и кариерата ќе ја продолжи во рускиот Зенит, каде што повторно ќе соработува со тренерот Душко Ивановиќ. Според информациите на шпанскиот медиум „Ел Корео“, американскиот шутер во Санкт Петербург ќе заработува по еден милион евра годишно, додека Басконија ќе му исплати дополнителни два милиони евра за спогодбениот раскин на договорот.
Хауард имаше загарантиран договор со шпанскиот клуб и за оваа и за следната сезона, со вкупна заработка поголема од четири милиони евра. Обештетувањето ќе биде исплатено во рати, а кошаркарот прифатил дел од парите да ги добие подоцна за да се олесни неговото заминување. Американецот најдобрата сезона ја имаше во 2023/24, кога просечно постигнуваше 19,5 поени по натпревар со 40 проценти успешност за три поени и беше најдобар стрелец во Евролигата. Во актуелната сезона, сепак, одигра само три натпревари со значително помала минутажа, по што следуваше разделбата со Басконија.

