Грција и Холандија одиграа возбудлив натпревар со четири гола во Солун, а на крајот поделбата на бодовите дојде по голема драма во самиот финиш. На „Тумба“ домаќинот имаше предност од 2:0, но „лалињата“ успеаја да се вратат и со погодок во 89. минута да стигнат до 2:2.
Грција прва се радуваше во 13. минута, но голот беше поништен поради офсајд на Христос Цолис. Само десет минути подоцна сепак стигна регуларното водство на домаќините. Јоргос Масурас одлично го пронајде Фотис Јоанидис во шеснаесетникот, а напаѓачот со силен и прецизен удар ја затресе мрежата на Холандија за 1:0.
Грците успеаја да го удвојат водството во самиот финиш на првото полувреме. Во втората минута од судиското продолжение Јоанидис доби топка од десната страна, а потоа испрати остар пас низ казнениот простор. Масурас беше побрз од Вирџил ван Дајк и од непосредна близина погоди за 2:0.
Холандија во второто полувреме тргна по пресврт и го намали заостатокот во 59. минута. По корнерот што го изведе Џои Ферман, Ван Дајк највисоко скокна и со удар со глава го совлада грчкиот голман. „Лалињата“ набрзо постигнаа уште еден гол преку Дензел Дамфрис, но погодокот беше поништен поради офсајд.
Сепак, гостите не се откажаа и притисокот конечно им се исплатеше во 89. минута. По една топка испратена во шеснаесетникот, одбраната на Грција не успеа да расчисти, а Тижани Рајндерс ја искористи ситуацијата и со прецизен удар го постави конечните 2:2. Со освоениот бод, Грција останува на врвот на групата со седум бода, додека Холандија е на втората позиција со пет.

