Најдобриот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ повторно е дел од сениорскиот национален состав за продолжението од квалификациите за Европското првенство. Плејмејкерот е дополнително мотивиран бидејќи ова може да биде негова последна шанса за настап на континенталниот собир со националниот тим.
„Ќе дадам сè од себе за да стигнеме до Европското првенство“, порача Димитријевиќ по приклучувањето кон тимот.
Говорејќи за претстојниот дуел против Австрија во Виена, македонскиот плејмејкер предупреди дека репрезентацијата ја чека незгоден противник, но истакна и оптимизам пред подготовките.
„За селекцијата на Австрија знаеме дека е сериозна екипа која игра ‘ран ен ган’ кошарка. Мислам дека е незгоден ривал, но имаме осум до девет дена да се спремиме заедно за мечот и да одиме во Виена на таа посакувана победа“, истакна Димитријевиќ.

