Американскиот претседател Доналд Трамп ги смири страстите во спортската јавност потврдувајќи дека нема да има пречки за репрезентацијата на Иран да се натпреварува на претстојното Светско првенство во Северна Америка. Воените тензии и политичкиот конфликт меѓу САД и Иран ја доведоа во прашање безбедноста и учеството на оваа селекција, но сепак Трамп му даде поддршка на првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино. „Ако Џани рекол така, тогаш тоа е во ред, нека играат“, изјави Трамп во Овалната соба, пресекувајќи ги шпекулациите дека на Иранците ќе им биде забранет влез во земјата домаќин.
Претходно, во дипломатските кругови кружеа контроверзни предлози, вклучувајќи го и оној на специјалниот пратеник Паоло Замполи, кој лобираше Италија да го заземе местото на Иран доколку дојде до суспензија. Сепак, ФИФА остана на ставот дека спортот мора да биде над политиката, а одлуката на американската администрација да дозволи влез на иранските фудбалери се смета за клучен чекор кон смирување на тензиите пред самиот старт на турнирот. Со ова се демантираат најавите за можен бојкот или исклучување, па така навивачите во САД ќе можат да го следат Иран на фудбалските терени без дополнителни политички пречки. Овој потег на Трамп се толкува како обид да се зачува интегритетот на првенството, кое за првпат ќе биде со историски 48 учесници.

