Меѓународен фудбал Фудбал

Нејмар прв на своја кожа го почувствува новото правило во Бразил

Нејмар стана првиот познат фудбалер кој директно ги почувствува последиците од новото правило во бразилското првенство, воведено со цел да се намали губењето време за време на натпреварите. Необичната ситуација се случи на дуелот меѓу Васко да Гама и Сантос, кој гостите убедливо го добија со 3:0 во рамките на 23. коло. Иако Сантос стигна до важна победа во борбата за опстанок, во центарот на вниманието се најде капитенот Нејмар поради несекојдневен момент.

При прекин на играта поради медицинска интервенција за голманот на Сантос, Габриел Бразао, судијата процени дека ситуацијата е опфатена со новите мерки против тактизирање и непотребно одолговлекување. Според новото правило, кога играта е прекината поради повреда на голман, тренерот мора да одреди фудбалер кој ќе го напушти теренот. Тој играч може да се врати во игра дури откако ќе помине најмалку една минута од продолжувањето на натпреварот.

Правилото предвидува и дополнителна санкција доколку тренерот не реагира навреме. Имено, доколку во рок од десет секунди по влегувањето на медицинскиот тим на теренот не биде посочен фудбалер кој треба да излезе, автоматски се повлекува капитенот. Токму тоа се случи во случајот со Сантос. Бидејќи никој не беше определен во предвидениот рок, Нејмар, како капитен на тимот, мораше да го напушти теренот и една минута да го следи натпреварот од клупата.

Сцената брзо привлече внимание, бидејќи бразилската ѕвезда практично стана првиот звучен пример за примена на новата регулатива, која има за цел да ги ограничи тактиките за губење време. Сантос сепак без поголеми проблеми го приведе натпреварот до крај и со триумфот од 3:0 освои важни бодови во борбата за опстанок.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.