Меѓународен фудбал Фудбал

Недоличното однесување Гендузи предизвика хаос и тепачка во Лион (ВИДЕО)

Реванш натпреварот од плејофот за пласман во Лигата на шампионите меѓу Лион и Фенербахче заврши со триумф на турскиот тим од 2-1, со што Фенербахче по пауза од 18 години обезбеди место во елитното друштво. Сепак, големиот спортски успех остана во сенка на скандалот што се случи веднаш по последниот судиски свиреж, кога поранешниот фудбалер на Олимпик Марсеј, а сегашен играч за врска на Фенербахче, Матео Гендузи, предизвика масовен инцидент и физичка пресметка.

Гендузи уште за време на загревањето влезе во конфликт со домашните приврзаници покажувајќи им среден прст, а провокациите обострано продолжија и по крајот на мечот пред тунелот на стадионот. Иако домашната публика веќе беше револтирана поради двата поништени гола на Лион, францускиот фудбалер дополнително ги испровоцира навивачите со извици „напред Олимпик Марсеј“ и со гестикулации карактеристични за ривалскиот град. Ваквото однесување го извади од такт тренерот на голманите на Лион, Антонио Фереира, кој физички се залета кон Гендузи.

Конфликтот брзо се пренесе во самиот тунел каде што настана општ хаос меѓу делегациите на двата тима. Голманот Едерсон се обидуваше да го смири членот на стручниот штаб на Лион, додека претставниците и играчите на турскиот клуб го опколија местото на инцидентот. Медиумите во Франција остро го осудија ваквото однесување на Гендузи оценувајќи го како недолично за еден професионален спортист, а во наредните денови се очекува реакција од надлежните органи на УЕФА и евентуални казни за сите учесници во инцидентот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.