Најсилната кошаркарска лига во светот се наоѓа на прагот на најголемото територијално и структурно проширување во овој век. По повеќе од две децении откако Шарлот Бобкетс стана последната нова франшиза во 2004 година, НБА ја започна финалната операција за зголемување на бројот на клубови од 30 на 32. Состанокот на одборот на сопственици потврди дека Сиетл и Лас Вегас се далеку пред сите потенцијални конкуренти во овој историски процес.
Комесарот Адам Силвер откри дека фокусот на разговорите во последно време сепак бил насочен кон Лас Вегас, но не поради слабост на Сиетл, туку затоа што во татковината на некогашните Суперсоникс сè е веќе подготвено за кошаркарски рестарт. Градот ги има модерната „Климат Плеџ“ арена, комплетната инфраструктура, фанатичната навивачка база и моќниот инвестициски конзорциум во кој учествува и Мелинда Френч Гејтс. Силвер дури истакна дека доколку лигата одлучи да започне за пет недели, Сиетл веднаш би можел да ги отвори вратите, означувајќи го долгоочекуваното враќање на клубот кој исчезна од НБА мапата во 2008 година со преселбата во Оклахома.
За разлика од Сиетл каде што приказната е заснована врз децениска традиција, Лас Вегас нуди невидена финансиска моќ и спектакл од нови димензии. Во Невада се води вистинска војна меѓу неколку милијардерски групи. Дел од инвеститорите предлагаат целосно нов футуристички спортски комплекс инспириран од познатата „Сфера“, кој би ги поместил границите на спортско-забавната индустрија, додека сопственикот на хокеарскиот шампион Вегас Голден Најтс, Бил Фоли, нуди проекција со реновирање на постоечката „Т-Мобајл“ арена вредна 300 милиони долари.
Цената за влез во елитното друштво ќе биде астрономска. Според информациите од САД, таксата за зачленување за секоја нова франшиза ќе изнесува меѓу 7 и 10 милијарди долари. Тоа значи дека НБА со продажбата на двете нови места ќе генерира фантастичен приход од 14 до 20 милијарди долари, кои би се поделиле меѓу постоечките сопственици.
Сепак, проширувањето носи и подлабоки тектонски поместувања. Доаѓањето на две нови екипи од западот ќе бара комплетно прекројување на конференциите, па еден од сегашните тимови од Западната конференција, најверојатно Минесота, Мемфис или Њу Орлеанс, ќе мора да биде префрлен на Истокот. Конечниот амин од лигата се очекува до крајот на 2026 година, додека стартот на новите тимови е планиран најрано за сезоната 2028/29.

