Кошарка Меѓународна кошарка

НБА најави нов скок на платите за сезоната 2027/28!

НБА продолжува да расте, а со тоа се зголемуваат и сумите што клубовите ќе можат да ги издвојуваат за своите играчи. Според најновите проекции, „салари кепот“ за сезоната 2027/28 би можел да достигне 176 милиони долари, два милиони повеќе од претходната проценка.

Воедно, границата за плаќање данок на луксуз би се зголемила од проектираните 211 на 213 милиони долари. За споредба, актуелниот „салари кеп“ изнесува 164,961 милиони долари, што значи дека доколку новата проекција се потврди, следното лето би следувал раст од околу 6,7 проценти. Поголемиот лимит директно ќе влијае и на максималните договори. Играчите со најмногу шест години искуство би можеле да започнат максимален договор со 44 милиони долари годишно, оние со седум до девет години со 52,8 милиони, а најискусните кошаркари со дури 61,6 милиони долари.

Повисокиот „салари кеп“ ќе им донесе и поголема флексибилност на клубовите, иако најскапите екипи и понатаму ќе мора внимателно да ги планираат своите ростери поради данокот на луксуз и ограничувањата поврзани со „апроните“. Проекциите сè уште не се конечни, но доколку бидат потврдени, НБА ја очекува уште една сезона со рекордни договори и заработки.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.