Мајами Хит заврши огромна работа на пазарот со ангажманот на Јанис Адетокумбо и преку ноќ стана еден од главните фаворити за титулата, но односите надвор од теренот донесоа незапаметен скандал. Како што објави секогаш добро информираниот инсајдер Шемс Шаранија, доскорешните соиграчи Бем Адебајо и Тајлер Хиро имале физички пресметка на тренинг-терените во Лас Вегас.
Инцидентот се случил во салата во склоп на хотелот „Resorts World Casino“, и тоа пред младите кошаркари од ААУ тимот што го предводи самиот Хиро. Адебајо му пришол на бекот и по кратка вербална расправија, без двоумење го удрил со тупаница во пределот на лицето. Обезбедувањето веднаш реагирало за да спречи уште поголем хаос, по што двајцата кошаркари ја напуштиле салата.
Причина за ваквата брутална реакција на центарот се пораките кои Хиро ги испраќал јавно на социјалната мрежа Инстаграм до еден навивач на Хит. Во нив, бекот тврдел дека противничките одбрани го почитуваат повеќе отколку Адебајо и јавно се сомневал дали центарот навистина вреди 60 милиони долари по сезона. Навивачот направил скриншот од преписката, по што сè експресно се прошири на социјалните мрежи и стигна до трикратниот Ол-стар.
Интересно е што Хиро неодамна беше трејдуван токму во Милвоки Бакс, заедно со Келел Вер, Хаиме Хакез, Каспарас Јакучионис и Нејт Амент, во мега-размената за Адетокумбо и Боби Портис. Од раководството на Мајами Хит кратко соопштија дека се запознаени со ситуацијата, но одбија да дадат дополнителен коментар.
Се очекува во најскоро време НБА лигата официјално да ги соопшти казните за двајцата кошаркари кои сигурно ќе бидат драстични поради нарушување на угледот на лигата.

