Меѓународен фудбал Фудбал

Навивачите на Ленс удрија по фудбалерите: Вие сте срам за 120-годишната историја! (ФОТО)

Она што требаше да биде една од најуспешните сезони во поновата историја на Ленс, се претвори во вистински кошмар за францускиот клуб. По одличниот почеток и спектакуларната победа над Пари Сен Жермен во Суперкупот во август, вицешампионот на Франција западна во сериозна резултатска криза, која сега предизвикува сè поголемо незадоволство кај навивачите.

Проблемите се видливи на домашната и на европската сцена. Ленс забележа дури пет порази во првите десет кола од Лига 1, додека во Лигата на шампионите загуби на три од досегашните четири средби. Ниту промената на тренерската позиција не донесе посакувана реакција, па Јаник Каузак, кој во септември го наследи Дин Топмелер, се соочува со сериозен предизвик да го стабилизира тимот.

Кулминацијата на разочарувањето дојде по катастрофалниот пораз од Комо со неверојатни 9:1, резултат кој остави длабока трага во клубот. Наместо брза реакција, Ленс продолжи со лошите резултати и во дуелот со Олимпик Марсеј, од кого загуби со 2:1, за трет последователен пораз во сите натпреварувања.

Незадоволството на навивачите беше јасно изразено и на трибините на стадионот „Феликс Болаер“. Приврзаниците на клубот истакнаа транспарент со остра порака до фудбалерите: „Вие сте срам за 120-годишната историја на клубот!“. По последниот судиски свиреж следуваше и кратко, но гласно скандирање: „Срам да ви е!“.

Тренерот Каузак засега не покажува загриженост за сопствената позиција, додека претседателот Жозеф Угурлијан откри дека по дебаклот против Комо лично испратил порака до играчите во соблекувалната. „Никогаш повеќе! Тоа лично го напишав во соблекувалната. Пред нашите навивачи вакво нешто не смее да се повтори. Во фудбалот секогаш постои можност за одговор, често само неколку дена подоцна. Мораме да го прифатиме тој предизвик“, порача првиот човек на клубот.

Следната можност за прекин на црната серија Ленс ќе ја има на 21 ноември, кога на домашен терен ќе го пречека Тулуз. Тој натпревар ќе биде важен не само за бодовното конто, туку и за враќање на довербата кај навивачите, кои сè потешко ги прифаќаат слабите изданија на својот тим.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.