„Метрополитано“ вечерва беше сведок на вистинска фудбалска драма, но и на сцена која дополнително ќе ги разгорее шпекулациите околу иднината на Хулијан Алварез. Додека неговите соиграчи по натпреварот заминаа да им се заблагодарат на најверните навивачи, Аргентинецот избра поинаков пат. Наместо кон трибините, тој директно се упати кон соблекувалната, потег кој веднаш привлече големо внимание.
Атлетико Мадрид и Вилјареал одиграа спектакуларно реми 2-2 во второто коло од новата сезона во Ла Лига. Натпреварот понуди многу возбудувања, а бодовите на крајот беа поделени. Сепак, по последниот свиреж резултатот падна во втор план поради однесувањето на Алварез. Сите фудбалери на Атлетико се упатија кон трибината каде што се најжестоките навивачи на клубот за да го прослават настапот и да им се заблагодарат за поддршката.
Алварез не беше меѓу нив. Аргентинскиот напаѓач веднаш се упати кон соблекувалната, што дополнително ја зголеми тензијата околу неговиот статус во клубот. Неговата одлука доаѓа откако пред почетокот на натпреварот беше дочекан со свирежи од домашната публика. Причината за незадоволството на навивачите е неговото наводно инсистирање на трансфер во Барселона. Иако сè уште нема официјална потврда дека Алварез ќе го напушти Атлетико, односот со навивачите очигледно станува сè посложен.

