Македонски фудбал Фудбал

Наумовски: Против Струга ќе одиграме најдобро што можеме

Новиот прволигаш ФК Скопје има тежок распоред на стартот на сезоната во елитата. Во првото коло загуби од вицепрвакот Шкендија, а овој викенд има исто така сериозен предизвик, да се надигрува со уште еден сериозен ривал и претендент за највисок пласман, тимот на Струга Трим Лум.

Стружани лесно славеа против Шкендија Арачиново во првото коло, а искусниот голман на ФК Скопје, Кристијан Наумовски, е свесен за тешката задача што ќе ја имаат тој и соиграчите и на денешната средба.

„Не не помилува распоредот на стартот од првенството, и во првото коло, а и сега имаме навистина сериозни ривали, кои традиционално се борат за трофеите во македонскиот фудбал. Но, тоа не е изговор нашиот тим да не го даде максимумот и да се обиде да стигне до позитивен резултат. Свесни сме дека Струга Трим Лум е фаворит, но тоа е и мотив повеќе за нас да се надминеме и со една храбра и пожртвувана игра да останеме непоразени. Сe уште се воигруваме, има голем простор за напредок на нашата екипа, и се надевам дека против Струга ТЛ ќе покажеме голем дел од нашиот потенцијал“, изјави искусниот чувар на мрежата, Кристијан Наумовски.

Натпреварот меѓу ФК Скопје и Струга Трим Лум ќе се одигра на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија со почеток во 17 часот, а ќе го суди Александар Грујоски.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.