Кевин Де Брујне би можел да ја заврши својата авантура во Наполи веќе во текот на зимскиот преоден рок. Иако белгискиот ас пристигна во италијанскиот клуб како едно од најголемите засилувања, неговата позиција во тимот постепено се менува, а сè погласни се шпекулациите за можна разделба.
Според пишувањата на италијанските медиуми, односите во соблекувалната на Наполи се далеку од идеални, а Де Брујне наводно влегол во конфликт со неколку соиграчи. Особено внимание привлече неговата расправија со Лоренцо Лука за време на натпреварот од Лигата на шампионите против Порто, но тој инцидент, според истите извори, не бил единствениот проблем.
Белгиецот наводно нема најдобра комуникација ниту со напаѓачот Расмус Хојлунд, како и со капитенот Џовани Ди Лоренцо. Ваквата атмосфера дополнително ја отежнува ситуацијата во тимот, кој во актуелната сезона не ги бележи посакуваните резултати.
Поради тоа, раководството на Наполи сериозно размислува за промени во зимскиот преоден рок, а меѓу можните сценарија е и заминување на искусниот плејмејкер. Иако неговиот договор е со важност до крајот на актуелната сезона, италијанските медиуми најавуваат дека клубот би можел да се раздели со него и пред истекот на соработката. Доколку ваквото сценарио се реализира, тоа би било неочекуван крај на соработката меѓу Наполи и фудбалерот од кого се очекуваше да биде еден од главните лидери на екипата.

