Меѓународен фудбал Фудбал

Наполи нема да добие нов сопственик засега, Де Лаурентис има јасен став

Сопственикот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, категорично порача дека клубот засега не е на продажба, но откри дека во иднина би претпочитал да му го предаде на човек од Неапол, наместо на американски инвеститор. Неговата изјава доаѓа по новите шпекулации за можна промена на сопственичката структура, откако повторно се сретнал со италијанско-американскиот бизнисмен Мет Рицета.

Де Лаурентис потврди дека пред извесно време добил понуда за продажба на клубот вредна околу две милијарди евра, додека, според неговите зборови, арапски инвеститори му понудиле дури 3,5 милијарди евра. Сепак, финансиските услови не биле пресудни, бидејќи првиот човек на Наполи сакал да добие гаранции дека ќе продолжи работата што ја градел во изминатите 22 години. Тој објасни дека потенцијалните купувачи планирале исплатата да се реализира во неколку фази, а во почетниот период било предвидено тој да продолжи да управува со клубот.

Во разговор за Радио „Кис Кис“, Де Лаурентис нагласи дека моментално не размислува за продажба и дека има важни планови за иднината, меѓу кои и изградбата на нов стадион. Тој смета дека новиот проект би можел да отвори можност постојниот стадион „Диего Армандо Марадона“ во иднина да биде претворен во голем зелен парк.

Иако засега не планира да се повлече, Де Лаурентис остави отворена можност за промена на сопственикот во следните две, три или пет години. Во такво сценарио, неговиот приоритет би бил Наполи да премине во рацете на човек кој има силна поврзаност со градот и клубот. „Парите се важни, но доаѓаат на последно место“, порача Де Лаурентис, јасно ставајќи до знаење дека за него иднината на Наполи е поважна од финансиската добивка.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.