Меѓународен фудбал Фудбал

Најголемиот бисер на Манчестер Јунајтед сака да си замине од „Олд Трафорд“

Управата на Манчестер Јунајтед се соочува со нов проблем откако еден од најголемите таленти во клупската академија, 15-годишниот Џеј-Џеј Габриел, побара итен раскин на соработката. Според последните информации од Островот, заминувањето на младиот напаѓач од „Олд Трафорд“ во моментов изгледа како сосема извесно сценарио.

Станува збор за вистинско фудбалско чудо кое минатата сезона, иако имаше само 14 години, ги собра наградите за најдобар играч во Премиер лигата до 18 години, како и признанието за играч на сезоната во младинскиот тим на Јунајтед. Неговиот вртоглав подем продолжи летово со настап за првиот тим на подготовките против Атлетико Мадрид, а минатата недела блесна со фантастичен хет-трик на своето деби во УЕФА Младинската лига. Предвидувањата беа дека многу брзо ќе добие шанса да ги покаже своите квалитети и во Карабао купот против Брајтон.

Сепак, фудбалската бајка доби неочекуван пресврт. Суперталентираниот фудбалер кон крајот на минатата недела воопшто не се појавил на тренинзите со составот предводен од Мајкл Керик, а како главна причина се наведуваат сериозни нарушувања во односите меѓу неговото семејство и клупското раководство. Габриел веќе поднел официјално барање за итно поништување на неговата регистрација, потег на кој англискиот гигант има правна основа да се спротивстави.

Дека ситуацијата е алармантна говори и фактот што во преговорите за гасење на пожарот директно се вклучија највисоките функционери, извршниот директор Омар Берада и спортскиот директор Џејсон Вилкокс. Раководството очајнички се обидува да најде заеднички јазик со семејството за да го задржи бисерот во своите редови.

Битката со времето веќе започна, со оглед на тоа што Габриел на 6 октомври полни 16 години, датум кога стекнува право да потпише официјален стипендиски договор, иако формално останува регистриран како играч на Јунајтед до крајот на оваа натпреварувачка сезона.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.