Барселона ги пушти во продажба билетите за првото овогодишно Ел Класико против Реал Мадрид, а почетните цени предизвикаа вистински шок кај фудбалските фанови.
Големото дерби е закажано за 25 октомври од 21 часот, а во првата фаза право на купување со попуст од пет проценти имаат исклучиво членовите на клубот. Бидејќи каталонскиот гигант цените ги формира според динамички модел заснован на побарувачката и преостанатите места, се очекува сумите за останатите слободни влезници дополнително да отидат во облаци.
Во овој момент, најевтиниот билет за позиција зад голот во категоријата „Гол 1“ чини неверојатни 476,5 евра.
Цените за останатите сектори исто така се драстично високи, па така за секторот „Корнер 1“ треба да се издвојат 699 евра, за „Апер Латерал 2“ цената изнесува 799 евра, додека за „Апер Трибјун 2“ дури 899 евра. Најскапата стандардна влезница во моментов достигнува 999 евра.
За оние на кои парите не им се проблем, на располагање е и „ВИП Премиум“ пакетот по цена од 1.750 евра, кој вклучува пристап до приватните ложи, ВИП-кетеринг и дополнителни привилегии.

