Други спортови Тенис

Надал подготвува враќање, но има еден услов пред повторно да заигра…

Еден од најголемите тенисери на сите времиња, Рафаел Надал, размислува повторно да заигра тенис и покрај тоа што ја заврши професионалната кариера. Шпанецот посакува да настапи на егзибициони натпревари, но пред тоа ќе мора да ја подготви физичката форма.

Надал ова го откри за време на одбележувањето на десетгодишнината од својата тениска академија на Мајорка, каде што се собраа голем број познати имиња од светот на тенисот. Меѓу нив беа Енди Мареј, Доминик Тим, Марaт Сафин и Давид Ферер.

„Во одреден момент повторно ќе играм егзибициони натпревари. Тоа го посакувам, но потребна е подготовка за телото да биде во соодветна состојба. Сакам да одам чекор по чекор, без да размислувам премногу однапред“, изјави Надал, пренесува „Л’Екип“.

Шпанецот, кој освои 22 грен-слем титули, откри и дека сè уште чувствува одредени последици од долгогодишните физички напори. По операцијата на раката и вградувањето мала протеза, сепак, силната болка што долго време го мачела исчезнала.

„Сè уште чувствувам блага болка секој ден, но силната болка целосно исчезна. Тоа позитивно влијаеше и на мојата психичка состојба“, објасни поранешниот светски рекет број еден.

Надал засега не откри кога би можел повторно да се појави пред публиката. Неговата желба е повторно да го почувствува теренот, овојпат без притисокот на професионалните турнири и борбата за титули.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.