Во Кочани се одржа вистински празник на спортот, исполнет со енергија, насмевки и детска радост. Над 2.000 дечиња учествуваа на „Денот на спортот“, во рамките на Плазма Спортските игри за млади, кои за првпат оваа година се одржуваат во Македонија.
Поттикнувањето на спортскиот начин на живот, инклузијата, толеранцијата и другарството меѓу децата и младите е главната мисија на најголемиот спортско-аматерски настан во Европа – Плазма Спортските игри за млади, веќе цели триесет години. СИМ овозможува бесплатен спорт за сите деца, создавајќи еднакви можности и простор за развој на младите таленти.
Младите спортисти беа поздравени од претседателката на Плазма Спортските игри за млади во Македонија, Елена Мицковска, градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов, кој свечено ги прогласи Игрите за отворени, како и Александар Андов, потпретседател на Федерацијата на училишен спорт на Македонија.
Меѓу присутните спортски асови беше и двократниот балкански шампион во карате, Филип Стојанов, кому му припадна честа да го донесе факелот и симболично да го означи почетокот на СИМ. Заедно со него, на настанот беа присутни и фудбалерките од ЖФК Кочани, кои дополнително ја збогатија спортската атмосфера.
Претседателката на Плазма Спортските игри за млади во Македонија, Елена Мицковска во своето обраќање ги поздрави младите учесници, потенцирајќи дека спортот секогаш обединува, инспирира и гради вистински вредности кои остануваат за цел живот.





