Меѓународен фудбал Фудбал

На „Еланд Роуд“ се крои судбината на Мајкл Керик во Јунајтед

Лидс Јунајтед во одлична форма го дочекува Манчестер Јунајтед на „Еланд Роуд“ во дерби кое што носи посебен набој и традиционален ривалитет. Гостите од „Олд Трафорд“ пристигнуваат во Јоркшир со исклучително лош биланс од само една победа во првите шест кола од Премиер лигата, односно два триумфи на девет натпревари во сите натпреварувања. По поразот од Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите, притисокот врз менаџерот Мајкл Керик достигна точка на вриење, а многумина го гледаат денешниот дуел како негова последна шанса за зачувување на функцијата.

И покрај сериозните шпекулации за неговата иднина, англискиот стратег одбива да подлегне на негативноста и истакнува дека целосно ужива во предизвикот да го извлече клубот од кризата.

„Да не верував во овој процес, дефинитивно немаше да бидам тука. Ова е најдобрата можна улога што можам да ја имам и се чувствувам привилегиран што ја носам оваа одговорност. Го обожавам моментот кога се мачиш и се обидуваш да најдеш излез, бидејќи тоа ве турка кон успехот. Не размислувам за тоа дали овој меч ми е последна шанса, туку сум целосно фокусиран на она што е најдобро за клубот и како да ги подготвам момците да играат на нивото на нивните можности“, истакна Керик пред натпреварот.

Интересно е што поддршка за Карик пристигна токму од противничкиот табор. Предводникот на Лидс, Даниел Фарке, отворено застана во одбрана на својот колега, критикувајќи го медиумскиот притисок и културата во која луѓето се ситат на туѓиот неуспех.

„Во фудбалот и општеството премногу брзо се доведени во прашање сите квалитети и како сите да се ситат на туѓиот неуспех, што воопшто не ми се допаѓа. Мајкл дојде минатата сезона, помогна да се стабилизира тимот и направи извонредна работа во многу тешка ситуација. Немаме многу млади британски менаџери во Премиер лигата и треба малку повеќе трпение за нив наместо веднаш да се создава негативност. Иако имаме добра сезона и влегуваме со голема самодоверба, не се согласувам дека сме апсолутни фаворити против клуб со таква величина како Манчестер Јунајтед“, изјави Фарке.

Лидс се гордее со една од најцврстите одбрани во лигата со само пет примени гола од почетокот на сезоната, а дополнителен мотив е и традицијата, бидејќи тимот од Јоркшир нема домашна победа над Манчестер Јунајтед уште од септември 2002 година. Домаќините влегуваат во овој дуел со комплетен состав, додека Керик нема да може да смета на Бенјамин Шешко и Мануел Угарте, а под голем знак прашалник за настап кај гостите се и Коби Меину и Лук Шо.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.