Шпанскиот репрезентативец Емерик Лапорт отворено ги критикуваше судиите на Светското првенство, нагласувајќи дека Аргентина не е адекватно казнета за својата претерано агресивна игра на турнирот. Пред големото неделно финале на стадионот „МетЛајф“ во Њујорк, дефанзивецот на Атлетик Билбао порача дека е примарна задача на арбитрите да го контролираат натпреварот за тој да не прерасне во хаос.
Дел од фудбалската јавност веќе подолго време верува дека јужноамериканската селекција е фаворизирана за да му се овозможи на Лионел Меси по вторпат да ја освои светската титула. Сомнежите се засилија по полуфиналето со Англија, каде што Аргентинците поминаа без сериозни санкции за неколку груби стартови, а слични поплаки имаше и по нивните претходни дуели со Швајцарија и Зелено’ртските Острови. Претходно, селекцијата на Египет уште по нивниот дуел во осминафиналето на 7 јули јавно ги обвини организаторите за пристрасно судење во корист на „гаучосите“.
Лапорт како јасен пример го посочи потегот на Енцо Фернандез, кој уште во третата минута од мечот со Англија го удри Елиот Андерсон со затворена шака од зад грб во главата, но судијата не му покажа ниту жолт картон. Искусниот шпански стопер предупреди дека Аргентина е тим што намерно сака физички да го обележи противникот, со цел да го исфрли од ритам и да предизвика бес во противничкиот табор, нагласувајќи дека таквите недозволени потези мора конечно да бидат санкционирани во мечот за титулата.

