Џанлуиџи Буфон реши да започне едно поинакво поглавје во својот живот. Легендарниот италијански голман на 48-годишна возраст повторно ќе седне во училишните клупи со цел да го заврши средното образование и конечно да се стекне со диплома. Поранешниот капитен на Јувентус и италијанската репрезентација ќе го продолжи образованието преку програма за далечинско учење во институтот „Маркони“. Станува збор за истата образовна институција во која Буфон како млад ги полагал испитите за стекнување квалификација.
Одлуката на легендарниот голман има и лична причина. Буфон сака со својот пример да им покаже на своите деца дека никогаш не е доцна човек да продолжи да учи и да заврши нешто што претходно го оставил недовршено. Воедно, неговиот потег е поврзан и со една грешка од минатото за која самиот Буфон јавно зборувал. Во минатото тој призна дека незаконски дошол до диплома за сметководител, нешто за кое денес отворено изразува жалење.
„Тоа беше грешка со која воопшто не се гордеам. Сега сакам да завршам и да покажам кој сум навистина“, порачал Буфон.
Со овој чекор, поранешниот голман сака да стави точка на тој дел од своето минато на поинаков начин – со вистинско образование и сопствен труд. Буфон зад себе има една од највпечатливите голмански кариери во историјата на фудбалот, но сега пред него стои предизвик кој нема никаква врска со фудбалскиот терен. На 48 години, тој повторно ќе биде ученик, овојпат со јасна цел да стигне до дипломата што не ја стекнал во младоста.

