Американскиот бек Ноа Фарахан е новото засилување за македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром. 25-годишниот плејмејкер стави потпис на договорот со тимот од Аеродром и ќе ја засили бековската линија во новата сезона.
Фарахан зад себе веќе има искуство во европската кошарка. Во изминатиот период настапуваше за Студент, Игокеа и Борац од Бања Лука, како и словачкиот тим Комарно. Вниманието на македонската јавност го привлече токму на дуелот против МЗТ во АБА2 лигата, кога на аеродромци им уфрли 27 поени и подели седум асистенции.
Пред доаѓањето во Европа, зад него е колеџ-кариера на Источна Каролина, Вест Вирџинија и Хемптон, а минатото лето го облече и дресот на Сан Антонио Спарс во Летната НБА-лига.
Тој е второто странско засилување за составот на Васко Атанасов, по ангажманот на босанскиот центар Емир Крајиниќ. МЗТ Скопје за следната сезона веќе ги потврди и браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, како и повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски.
Тимот од Јане Сандански го очекува згуснат распоред на три фронта: домашната лига и купот, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.

