Кошаркарите на МЗТ Скопје го продолжија трендот да освојување на трофеи во домашниот шампионат, откако на гостински терен го скршија отпорот на дебитантот Маџари со 74-80. Со овој триумф во третиот натпревар, „металците“ со максимални 3-0 ја затворија финалната серија и ја прославија својата 13-та шампионска титула, заокружувајќи ја сезонската двојна круна со нов пехар во клупските витрини.
Домашниот тим покажа заби на самиот старт и поведе со 26-21, но составот на Васко Атанасов експресно одговори во вториот период за предност од 42-46 на полувремето. Најголемата возбуда се случи во завршната четвртина кога борбениот домаќин израмни на 66-66, но тогаш пресуди огромното искуство на бранителот на тронот. Клучните поени на Дамјан Стојановски и Душан Танасковиќ ја направија клучната разлика во корист на гостите од Аеродром.
Војдан Стојановски со 17 поени го предводеше победничкиот состав, додека кај Маџари незапирлив беше Амар Хот со извонредни 20 поени и 18 скокови.








