Кошаркарите на МЗТ Скопје обезбедија ново финале во МТЕЛ Суперлигата. Во решавачката полуфинална мајсторка, тие убедливо го совладаа Пелистер со 87-58.
Битолчани пружија силен отпор во првото полувреме од натпреварот. На големата пауза резултатот беше целосно изедначен, 37-37. Сепак, момците на тренерот Васко Атанасов заиграа фуриозно во продолжението.
Аеродромци одиграа неверојатна одбрана во третиот период. На гостите им дозволија да постигнат само три поени за дури девет минути игра. Со предност од 24 поени на стартот од последната четвртина, патникот во финалето беше решен. Носени од одличната атмосфера во „Јане Сандански“, домашните кошаркари рутински го завршија мечот.
Марин Петков беше убедливо најдобар поединец во победничкиот табор со 23 постигнати поени. Кај поразениот тим, Кевин Дејвис и Лангстон Вилсон уфрлија по десет поени.
Во големото финале за титулата, МЗТ Скопје ќе вкрсти со најголемото изненадување оваа сезона, екипата на КК Маџари.

