МЗТ Скопје Аеродром по 25 години повторно ќе биде дел од европските натпреварувања под капата на ФИБА, а во клубот сметаат дека е вистинскиот момент за нов исчекор и враќање на препознатливиот европски имиџ. Домашните трофеи остануваат главна цел, но амбициите се насочени и кон достојно претставување на Македонија на меѓународната сцена.
Во интервју за клубскиот медиум, извршниот директор Филип Ѓоревски истакна дека настапот во ФИБА Еврокупот бил една од неговите најголеми цели уште од доаѓањето во клубот.
„МЗТ има обврска да ја претставува Македонија и во Европа. Сакаме повторно да ја вратиме атмосферата во „Јане Сандански“, кога тука гостуваа големи европски клубови. Домашните трофеи се приоритет, но веруваме дека можеме да бидеме конкурентни и на европската сцена“, изјави Ѓоревски.
Тој откри дека во тек е внимателно составување на ростерот, со акцент на балансот меѓу искусни и млади кошаркари.
„Продолжувањето на соработката со Дамјан и Војдан Стојановски е од огромно значење, а во тимот ги вративме и репрезентативците Лука Стојановски и Никола Василевски. Договорени сме и со уште неколку кошаркари кои наскоро ќе бидат официјализирани. Нашата цел е да создадеме компактен тим, а не само да собереме квалитетни индивидуалци“, нагласи првиот оперативец на клубот.
Значајни промени има и во младинската школа, каде координатор стана поранешниот репрезентативец Саша Димитријевиќ. Во МЗТ веруваат дека неговото искуство ќе помогне академијата повторно да биде главен извор на играчи за сениорскиот состав.
Ѓоревски се осврна и на финансиската состојба, истакнувајќи дека клубот денес е значително постабилен отколку пред пет години.
„Наследивме големи долгови, но паралелно го стабилизиравме клубот и освојувавме трофеи. Денес МЗТ е финансиски посилен, а голема заслуга за тоа имаат Општина Аеродром и нашите спонзори, чија поддршка постојано расте“, порача тој.
Подготовките за новата сезона ќе стартуваат во средината на август, кога тренерот Васко Атанасов ќе ја изврши првата прозивка, по што МЗТ ќе почне со подготовките за домашните натпреварувања и настапот во ФИБА Еврокупот.

