Оклахома Сити Тандер се елиминирани во финалето на Западната конференција од Сан Антонио Спарс, а најкорисниот играч во лигата, Шеј Гилџис-Александер, не бараше никакви оправдувања по неуспехот. Иако зад себе имаше уште една извонредна МВП сезона во која неговиот тим стигна на чекор до нов пласман во големото НБА финале, лидерот на Тандер беше исклучително самокритичен по поразот во мајсторката.
„Доживеав неуспех во мојата цел. Не го остварив тоа што го сакав, но токму во вакви моменти најмногу учам за себе и најмногу напредувам. Не стигнав таму каде што посакував оваа сезона. Постои причина за тоа, а сега морам да ја пронајдам и да се погрижам ова никогаш повеќе да не се повтори“. – изјави Гилџис-Александер.
Иако во одлучувачкиот седми меч тој постигна 35 поени, неговата ефикасност во текот на целата серија беше далеку под нивото на кое ги навикна навивачите. Против Спарси просечно бележеше по 25,9 поени, но со скромни 40,9% шут од игра и само 28,6% за три поени, што е сериозен пад во споредба со регуларниот дел од сезоната. Голема заслуга за тоа имаше агресивната одбрана на Сан Антонио, каде што Стефон Касл вршеше постојан притисок на топката, додека зад него во рекетот чекаше Виктор Вембањама.
Дополнителен проблем за Оклахома во оваа серија беа повредите на Џејлен Вилијамс и Еј-Џеј Мичел, како и слабата форма на Чет Холмгрен, кој во седмиот натпревар реализираше само четири поени. Тандер на овој начин останаа без можност да ја одбранат ланската титула, но нивниот лидер најави дека овој болен пораз ќе им биде само дополнителен мотив уште посилно да тргнат во новата кампања.

