Жозе Мурињо ги воведе своите препознатливи строги правила во Реал Мадрид, барајќи од сите фудбалери нивно целосно почитување во пресрет на новата сезона. Според пишувањата на шпанскиот весник „Ас“, португалскиот стратег сака да воспостави апсолутна контрола над секој детал во клубот, со цел да ја врати екипата на победничките патеки по разочарувачката сезона без освоен трофеј.
Меѓу новите интерни правила, играчите се обврзани да пристигнуваат во тренинг-кампот најмалку еден час пред почетокот на тренингот. Секој што ќе задоцни ќе биде казнет со изолиран тренинг во теретана, одвоено од остатокот од тимот. Покрај тоа, Мурињо воведе строг диететски режим под надзор на клупскиот нутриционист, со што им забрани на фудбалерите сами да го избираат своето мени и распоредот за оброци.
Најсериозната промена се однесува на рехабилитацијата од повреди, со што директно се става крај на практиката на Килијан Мбапе, кој претходно замина на приватни медицински третмани во Париз и предизвика гнев кај навивачите. Од сега, сите повредени играчи ќе мора целиот ден да го минуваат во клупскиот комплекс под директен надзор на медицинскиот тим на Реал, а евентуалните приватни прегледи ќе бидат строго контролирани.

