Жозе Мурињо воспостави ред во тимот, поставувајќи пет правила кои ќе мора да ги почитуваат сите фудбалери. Најстрого се санкционира доцнењето, каде играчот кој ќе задоцни на тренинг ќе биде издвоен од екипата, а автоматски ќе го пропушти и следниот натпревар. Мурињо нема да користи парични казни, бидејќи смета дека тие немаат голем ефект врз фудбалерите со огромни заработки.
Португалецот воведе и строги правила за рехабилитацијата, па сите третмани по повреди ќе мора да се спроведуваат под надзор на клупските лекари. Дополнително, играчите ќе мора целосно да го почитуваат клубскиот план за исхрана, без самостојно да избираат што и кога ќе јадат. Според британските медиуми, Мурињо дел од идеите ги презел од Ханси Флик, кој исто така е познат по строгата дисциплина во Барселона.

