Кога Жозе Мурињо за првпат застана на клупата на Реал Мадрид во 2010 година, затекна гигант кој шест сезони по ред не можеше да го мине осминафиналето во Лигата на шампионите. За три години, „Специјалниот“ ја смени перцепцијата, го врати шампионскиот менталитет на „Сантијаго Бернабеу“ и трипати по ред го однесе тимот до полуфиналето. Но, и покрај тоа што ги постави темелите за подоцнежната доминација на мадриѓаните во Европа, главната цел поради која пристигна тогаш остана неостварена.
Загубените борби со Барселона, Баерн Минхен и Дортмунд го оставија Португалецот без посакуваниот пехар во елитата. Сега, во својот нов мандат, Мурињо ја започнува мисијата за затворање на оваа недовршена приказна.
За него, оваа сезона носи и дополнителен историски влог. Доколку успее да се качи на европскиот трон со Реал Мадрид, тој ќе стане првиот менаџер во историјата на фудбалот кој ја освоил Лигата на шампионите со три различни клуба, по шампионските пехари со Порто во 2004 и Интер во 2010 година.
Судбината режираше уште еден поетски момент, новиот поход започнува токму против миланскиот Интер. Токму на „Бернабеу“ во мај 2010 година, Мурињо го одведе Интер до историската триплета, а истата вечер го договори преминот во Мадрид. По повеќе од една деценија, Португалецот ги остава емоциите на страна и го започнува ловот на единствениот трофеј кој му побегна од раце во Шпанија.

