Мадридскиот асфалт повторно „гори“ од шпекулации, но овојпат гласините имаат многу посилен одек од вообичаено. Кога „Сантијаго Бернабеу“ ќе остане без трофеи, а во соблекувалната ќе завладее хаос, првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез, по правило посегнува по радикални решенија кои го тресат фудбалскиот свет.
Жозе Мурињо е на чекор до сензационално враќање на клупата на Реал Мадрид, повеќе од една деценија по неговото заминување. Шпанските медиуми се убедени дека Португалецот е единствениот кој може да воведе ред меѓу разнишаните ѕвезди на тимот и да го врати изгубениот авторитет. По сезона исполнета со внатрешни конфликти и неуспеси, Мадрид верува во рецептот на Мурињо: челична дисциплина и победнички менталитет.
Во својот претходен мандат (2010–2013), Жозе ја прекина доминацијата на Барселона освојувајќи ја Ла Лига, Купот и Суперкупот, поставувајќи ги темелите за подоцнежните европски успеси. Сега, тој би требало да добие „одврзани раце“ за целосна реконструкција на тимот, што веројатно ќе значи и заминување на неколку звучни имиња кои не се вклопуваат во неговата визија.

