Додека вниманието на јавноста е насочено кон Светското првенство, делови од Мексико се соочуваат со нов бран насилство. Според сведоштва на локални жители, криминални групи ја користат ангажираноста на безбедносните сили околу Мундијалот за да ги засилат нападите врз населени места и да прошират контрола врз нови територии.
Жителите на сојузната држава Гереро тврдат дека вооружени припадници на картелот „Нуева Фамилија Мичоакана“ извеле напади со вооружени дронови и отворале оган врз повеќе села. За време на еден од нападите, десетици цивили, меѓу кои жени, деца и постари лица, биле принудени да се засолнат додека околу нив одекнувале експлозии и престрелки.
Според локалното население, безбедносните сили биле пренасочени кон градовите домаќини на Светското првенство – Мексико Сити, Гвадалахара и Монтереј – поради што многу рурални области останале без соодветна полициска заштита.
„Додека едни слават голови, други преживуваат напади со дронови. И ние заслужуваме заштита“, изјавил еден од жителите на погоденото подрачје.
Во меѓувреме, мексиканските власти соопштија дека не можат целосно да ги потврдат информациите за нападите, но најавија испраќање дополнителни безбедносни сили за проверка на состојбата и заштита на населението.
Насилството не е ограничено само на Гереро. Во последните денови вооружени судири и напади се регистрирани и во други делови на Мексико, што повторно го отвори прашањето дали големите спортски настани ја намалуваат безбедноста во регионите кои остануваат без доволен број полициски и воени сили.

