Селекцијата на Норвешка воведува екстремни и досега невидени мерки за да ги преживее пеколните услови кои ги очекуваат на претстојното Светско првенство во САД. Селекторот Столе Солбакен откри дека медицинскиот тим спроведува брутално строг мониторинг на хидратацијата кај фудбалерите, кој на шега го нарече „Светско првенство во тестирање урина“.
Норвешките репрезентативци поминуваат низ детални контроли, даваат примероци од урина наутро и по секој тренинг, а се премеруваат пред и по физичкиот напор за точно да се знае колку течности изгубиле. Заедно со тоа, Ерлинг Халанд и соиграчите добиваат специјални гелови пред спиење и изотонични напитоци кои помагаат во експресно закрепнување на организмот.
Покрај жештините, Солбакен веќе на големо ја тренира и новата иновација на ФИФА, задолжителната триминутна пауза за вода во секое полувреме. Норвежаните на овие прекини гледаат како на кошаркарски тајм-аут и веќе вежбаат тактички корекции за да се спречи хаос на теренот, сметајќи дека токму тие три минути можат да бидат клучот меѓу успехот и дебаклот.
Норвешка се враќа на мундијалската сцена по долга пауза и се наоѓа во пеколно тешка група со Франција, Сенегал и Ирак. Пред стартот на турнирот, формата ќе ја темпираат на контролните средби со Мароко и Шкотска.



