Поранешната светска тениска број еден и четирикратна Гренд слем шампионка Аранча Санчез Викарио откри дека го загубила целото свое богатство, проценето на околу 31 милион фунти, обвинувајќи го за тоа својот поранешен сопруг Хосеп Сантачана. Шпанката изјави дека целосно му верувала и никогаш лично не се грижела за финансиските работи, бидејќи била фокусирана исклучиво на тенисот. „Му верував затоа што беше татко на моите деца. Парите едноставно исчезнаа, а јас останав сама да ги сносам последиците“, изјави таа.
Во 2023 година, таа и нејзиниот поранешен сопруг се најдоа на суд под обвинение дека прикривале имот за да избегнат враќање на банкарски долг. Санчез Викарио доби условна затворска казна од две години и беше задолжена да врати околу 5,5 милиони фунти.
Денес 54-годишната поранешна шампионка работи како тениски инструктор во САД, а половина од нејзината заработка оди за отплата на долгот. Таа призна дека судскиот процес бил еден од најтешките периоди во нејзиниот живот и дека побарала психолошка помош за полесно да се справи со ситуацијата.
Аранча Санчез Викарио во својата богата кариера освои четири Гренд слем титули, три на Ролан Гарос и една на УС Опен, а со години важеше за една од најдобрите тенисерки во светот. Сега, наместо по спортските успеси, повторно е во центарот на вниманието поради драматичната приказна за загубеното богатство.

