Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Му се тресе столчето на Инфантино, довербата во првиот човек на ФИФА е сериозно нарушена!

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се соочува со сериозен притисок откако неговиот предлог за продажба на дел од комерцијалните права на Светското првенство доживеа целосен неуспех и предизвика остри реакции во светската фудбалска јавност. Првиот човек на Европските професионални лиги, Клаудиус Шефер, смета дека ваквиот развој на настаните отвора сериозни прашања околу иднината на Инфантино на чело на ФИФА. Според него, во секоја организација ваков потег, донесен без знаење и одобрување на надлежните тела, носи јасни последици.

„Кога видовме дека клучните органи на ФИФА воопшто не биле вклучени во процесот, стана јасно дека ваквиот начин на работа не може да помине без одговорност. Тоа е вообичаена последица во секоја сериозна организација“, изјави Шефер за швајцарските медиуми.

Инфантино во петокот официјално потврди дека ФИФА го повлекува спорниот проект, но штетата веќе беше направена. УЕФА и КОНКАКАФ јавно соопштија дека ја изгубиле довербата во раководството на светската куќа на фудбалот, што дополнително ја продлабочи кризата.

Шефер оцени дека целата иницијатива била насочена исклучиво кон зголемување на финансиските приходи преку создавање нови и поголеми натпреварувања, без да се води сметка за последиците врз домашните првенства и веќе преоптоварениот фудбалски календар. Тој посебно нагласи дека ниту Советот на ФИФА не бил информиран за ваквите планови, што, според него, покажува дека одлуките биле носени без потребната транспарентност и консултации. Токму поради тоа, сѐ погласни се критиките дека Инфантино се наоѓа во најсериозната криза од почетокот на неговото раководење со ФИФА.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.