Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Може ли Јапонија да ја сруши дведецениската низа на Холандија?

Најинтересниот натпревар од денешната мундијалска програма се игра вечерва во Арлингтон, од 22:00 часот, каде во рамките на групата Ф ќе се соочат селекциите на Холандија и Јапонија. Овој дуел носи огромен залог, бидејќи „лалињата“ ќе се обидат да ја продолжат една од најфасцинантните традиции во историјата на светските првенства, тие немаат загубено натпревар во регуларните 90 минути цели 20 години!

Последниот пораз во вистинското лудо мундијалско време Холандија го доживеа уште во 2006 година во Германија од Португалија. Оттогаш, европскиот гигант одигра 19 натпревари и на ниту еден не беше совладан по 90 минути. Нивните подоцнежни елиминации во Јужна Африка (2010), Бразил (2014) и Катар (2022) се случуваа исклучиво по продолженија или по изведување пенали.

Сепак, избраниците на Роналд Куман во САД пристигнаа без преголема еуфорија поради прилично бледите партии во подготвителниот период, каде едвај го совладаа Узбекистан со гол во 98-мата минута, а претходно загубија од Алжир. Единствениот голем плус за Куман пред вечерашниот судир е што првата ѕвезда Мемфис Депај е целосно закрепнат од повредата и е подготвен за игра.

На спротивната страна стојат „Сините самураи“ кои се наоѓаат во застрашувачка форма. Јапонците беа првата селекција што обезбеди пласман на овој Мундијал, уште во март 2025 година, а во подготвителниот период врзаа шест победи по ред, уривајќи ги Бразил (3-2), Шкотска (1-0) и Англија (1-0). Со оглед на тоа што Јапонија нема примено гол на последните пет натпревари, јасно е дека бруталната низа на Холанѓаните вечерва ќе биде ставена на најсериозен можен тест.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.