Македонската кошаркарска репрезентација по подолго време добива значајно засилување под обрачите, откако Мозес Рајт ја комплетираше процедурата за добивање македонски пасош и му се стави на располагање на селекторот Пабло Берокал за претстојниот меч со Австрија што ќе се одигра на 30 август во Виена. Овој центар, кој летово го облече дресот на Олимпија Милано, веќе одработи неколку тренинзи со репрезентацијата и истакна дека адаптацијата минува во најдобар ред.
„Работиме заеднички за средбата која ни следи. Ми се допаѓа тимот и начинот на кој сум прифатен во репрезентацијата, веќе тренирам како да сум Македонец подолго време. Чувството е одлично да се биде дел од овој тим. Од екипата што ја имаме на располагање го познавам Ненад Димитријевиќ од настапите во Евролигата, но добро тренираме со другите. Имаме уште неколку тренинзи да се запознаеме и воиграме на начинот на кој посакуваме“, изјави Рајт.
Во однос на претстојниот противник во квалификациите, новото засилување во македонскиот табор предупредува дека место за потценување нема и дека тимот мора стриктно да ги следи сите тактички замисли на стручниот штаб.
„Нам ни следи дуел со Австрија, имаат некои измени во ростерот, но постојат млади играчи кои се доста квалитетни. Не би сакал премногу да откривам за нив и планот што ни го презентира нашиот тренер за нивната игра. Потребно е ние да се придржуваме кон советите кои ни ги даде нашиот селектор, со цел да имаме успех“, додаде Рајт.

