Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Монтела останува селектор на Турција

И покрај бурните реакции во јавноста и раната елиминација од Светското првенство, челниците на Фудбалската федерација на Турција решија цврсто да застанат зад селекторот Винченцо Монтела. Иако станува збор за темпераментна нација каде што по вакви неуспеси вообичаено веднаш „летаат глави“, претседателот на федерацијата, Ибрахим Хаџиосманоглу, јавно му ја даде целата поддршка на италијанскиот стратег кој по цели 24 години пауза успеа да ја однесе Турција на еден Мундијал.

Турција ги загуби сите шанси за пласман во следната фаза по почетните два порази во групната фаза, прво од Австралија со 0-2, а потоа и од Парагвај со 0-1. Ова очекувано предизвика лавина од жестоки критики од страна на медиумите, јавноста и поранешните репрезентативци, но првиот човек на турскиот фудбал веднаш стави крај на шпекулациите за експресна смена на кормилото.

Хаџиосманоглу јавно им се извини на навивачите за скромниот ефект на турнирот во Северна Америка, но потенцираше дека репрезентацијата не е исто што и клуб каде што лесно може да се избркаат 15 играчи и да се донесат нови. Тој додаде дека клупските неуспеси најчесто се случуваат токму поради недостиг на континуитет и дека федерацијата цврсто стои зад тимот со кој го започнала ова патување. Според неговите зборови, сега главниот фокус и следна цел на оваа генерација предводена од Монтела е пласман на Европското првенство во 2028 година.

Сепак, не размислуваат сите исто во Турција, а најостар во коментарите беше поранешниот прославен напаѓач Нихат Кавечи, кој сега работи како стручен ТВ-консултант. Кавечи истакна дека Монтела морал јавно да се извини и да признае дека направил грешки на теренот, наместо по двата порази со кои ја разочара нацијата да тврди дека тимот одиграл добро. Изнервиран од таквиот став на селекторот, поранешниот ас на Реал Сосиедад иронично порача дека во тој случај му посакува успех во некоја друга кариера.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.