Авто-мото Други спортови

Монца ќе загрми во чест на Шумахер: Баричело и Фетел го враќаат шампионскиот Ф2002 на патеката

Предстојната Голема награда на Италија во Монца ќе донесе вистински емотивен спектакл за сите љубители на Формула 1. По повод одбележувањето на три децении од пристигнувањето на Михаел Шумахер во Маранело, Ферари подготви шоу во кое главната улога ќе ја има болидот Ф2002, еден од најдоминантните во историјата на авто-мото спортот.

Честа да ги вратат звукот и магијата на овој шампионски болид ќе ја имаат двајца поранешни возачи на Скудерија, Рубенс Барикело и Себастијан Фетел. Бразилецот ќе излезе на патеката веднаш по саботните квалификации во автомобилот со кој во 2002 година ги надмина сите и славеше победа токму во Монца пред Шумахер. Во недела, непосредно пред стартот на трката, воланот ќе го преземе четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел за почесен круг во чест на својот идол.

За Фетел ова ќе биде посебно емотивен момент, со оглед на тоа што легендарниот сонародник му беше инспирација од детските денови, а подоцна и ривал на патеката пред и самиот да го преземе црвениот болид во периодот од 2015 до 2020 година. Инаку, моделот Ф2002 важи за еден од најсовршените болиди некогаш конструирани, во таа незаборавна сезона Ферари триумфираше на 15 од вкупно 17 трки, а Шумахер ја запечати светската титула уште во јули.

Покрај дефилето на Ф2002, фановите на „храмот на брзината“ ќе имаат можност да ги видат и моделите Ф310 од 1996 година и 248 Ф1 од 2006 година. Целата манифестација е заокружена со специјалниот ретро-дизајн на актуелниот болид СФ-26, со кој Шарл Леклер и Луис Хамилтон викендов ќе бркаат нов триумф пред домашните „тифози“.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.