Минатонеделното реми против Стразбур се покажа само како краткотраен лош ден за тимот на Монако. На отворањето од 5-тото коло во француската Лига 1, „кнезовите“ пред своите навивачи извојуваа значајна победа над Ленс со 2:1, продолжувајќи го својот импресивен марш на врвот од табелата и ставајќи го актуелниот шампион ПСЖ под дополнителен притисок со дури седум бода предност.
Домаќините го отворија резултатот во 32-рата минута, кога разиграниот Матис Аблин изведе одличен продор по десната страна и со прецизна топка го пронајде младиот Парис Брунер, кој рутински ја смести топката во мрежата за 1:0.
Иако Ленс се разбуди во вториот дел и стигна до израмнување преку Матје Удол, кој во 57-мата минута одлично скокна и со глава го валоризираше центаршутот на Тован од корнер, завршниот збор сепак им припадна на домашните. Трагичар на мечот стана дефанзивецот на гостите, Градит, кој во 84-тата минута реагираше неспретно во сопствениот казнен простор и си постигна автогол за конечно славје на Монте Карло.
Со овој нов триумф Монако ја потврди одличната форма на почетокот од сезоната, додека Ленс го претрпе веќе третиот пораз во пет одиграни меча и останува на скромните четири бода.

