По трите последователни порази на отворањето од новата сезона, Њујорк Никс конечно ја пронајде својата препознатлива игра и пред домашната публика во култниот „Медисон Сквер Гарден“ стигна до првиот триумф. Домаќините го совладаа Детроит Пистонс со убедливи 111:97, нанесувајќи му го првиот пораз на противникот кој до ова гостување не знаеше за неуспех.
Натпреварот подобро го отворија гостите, кои ја добија првата четвртина со 38:25, но Њујорк до заминувањето на одмор успеа да направи минимален пресврт за 51:50. Сепак, одлучувачката беше третата четвртина. Никси го отворија второто полувреме со фуриозна серија од 11:0, а целата четвртина ја решија во своја корист со фантастични 37:13. Погодокот за три поени на Џош Харт со звукот на сирената донесе огромни 88:63 и му овозможи на домаќинот мирна завршница.
Апсолутен лидер на теренот беше Карл-Ентони Таунс, кој беше застрашувачки под кошевите и оствари ефект од 27 поени и дури 20 скокови. Негов главен поддржувач беше Џејлен Брансон со 23 поени и 7 асистенции, додека О-Џи Ануноби и Лендри Шамет додадоа по 13 поени.
Кај Детроит, во отсуство на повредениот центар Џејлен Дурен, се истакна Пол Рид со 22 поени и 9 скокови, додека Кејд Канингем запиша 19 поени, 9 скокови и 8 асистенции. Со овој триумф Њујорк дојде до скор од 1-3, додека Детроит падна на 3-1, со што воедно беше прекината и серијата од шест последователни победи на Пистонс во меѓусебните пресметки со Никси во регуларниот дел од сезоната.

