Очекувањата од репрезентацијата на САД на овој Мундијал се огромни, речиси нереални, откако американските медиуми уште пред почетокот почнаа да вадат статистички анализи со кои ги прогласија за сигурни освојувачи на трофејот. Сепак, на теренот во Лос Анџелес, избраниците на Маурисио Почетино покажаа дека имаат сериозно покритие за таквиот оптимизам, откако со убедливи 4-1 го совладаа Парагвај на отворањето на групата Д.
Иако Парагвај важеше за исклучително цврста екипа која во тешките јужноамерикански квалификации прими само десет гола, нивниот бедем попушти по само седум минути игра. Вестон Мекени заврши голем дел од работата, а топката на крајот се одби од несреќниот Дамијан Бобадиља за рано водство на Американците со автогол. Тоа беше само почеток на вистинскиот потоп за гостите. На сцена стапи 24-годишниот напаѓач на Монако, Флоријан Балогун, кој најпрво по асистенција на Кристијан Пулишиќ го постигна својот десетти јубилеен гол во националниот дрес, а во судиското надополнување на првиот дел со прекрасен удар ја погоди мрежата за огромни 3-0.
Во второто полувреме, САД свесно го намали темпото, а Покетино одлучи да го извади од игра и да го одмори капитенот Пулишиќ. Парагвај го искористи падот на концентрацијата во домашната одбрана и преку Маурисио во 73′ минута намали на 3-1 по една невнимателност на домашните дефанзивци. Сепак, тоа беше сè што успеаја да направат гостите на овој натпревар. Точка на моќната партија и вистински спектакл за домашните навивачи донесе Џовани Рејна, кој во 97′ минута со атрактивен удар ги постави конечните 4-1.
Со оваа рутинска победа, Американците покажаа дека можат да се носат со огромниот притисок од јавноста, а вистинскиот испит за нив ќе биде дерби дуелот против Турција, кој најверојатно ќе решава за првото место во оваа група.

