Ракометниот клуб Вардар продолжува со реновирање на тимот, а најновото име во таборот на „црвено-црните“ е талентираниот Мохаб Абделхак. Младиот десен бек, кој важи за еден од најголемите потенцијали на египетскиот ракомет, доаѓа во Скопје по престојот во редовите на германскиот гигант Кил.
Иако има само 21 година, Абделхак зад себе има импресивна кариера која ја започна во Ал Ахли, по што се калеше во силното француско првенство во дресот на Ним, пред да го привлече вниманието на „зебрите“ од Кил. Леворакиот стрелец е веќе стандарден дел од сениорскиот национален тим на Египет, а неговиот ангажман се очекува значително да ја зголеми моќта во нападот на македонскиот вицепрвак.
„Овој трансфер во РК Вардар претставува огромен чекор напред во мојата кариера и горд сум што доаѓам во клуб со толку силна историја и амбиција. Возбуден сум што ќе ја развивам својата игра, што ќе се натпреварувам на повисоко ниво и што ќе го дадам максимумот за тимот. Моите очекувања се да напредувам секој ден и да придонесам за заеднички големи резултати“, изјави Абделхак.

